topimage
HomePage Header Header
Image_t3
Left BG
Divider
Arrow Bullet

Почеток

Divider
Arrow Bullet

Содржина

Divider
Arrow Bullet

Вовед

Divider
Arrow Bullet

Краток историјат на градот Скопје

Divider
Arrow Bullet Население
Divider
Arrow Bullet
Скопски маала
Divider
Arrow Bullet Регулационен план
Divider
Arrow Bullet Улиците во градот
Divider
Arrow Bullet Градежна активност
Divider
Arrow Bullet Водовод
Divider
Arrow Bullet Јавни бањи и амами
Divider
Arrow Bullet Јавна хигиена
Divider
Arrow Bullet Јавна канализација
Divider
Arrow Bullet
Електрификација
Divider
Arrow Bullet Сообраќај
Divider
Arrow Bullet Пошта
Divider
Arrow Bullet

Скопската чаршија и занетчиство

Divider
Arrow Bullet Трговија и трг. врски
Divider
Arrow Bullet Банкарство
Divider
Arrow Bullet Индустрија
Divider
Arrow Bullet Хотелиерство
Divider
Arrow Bullet
Јавна безбедност
Divider
Arrow Bullet Социјални прилики
Divider
Arrow Bullet Здравство и хигиена
Divider
Arrow Bullet Ветеринарна служба
Divider
Arrow Bullet Паркови и зеленила
Divider
Arrow Bullet Театар
Divider
Arrow Bullet Скопски кина
Divider
Arrow Bullet Корзото и прошетки
Divider
Arrow Bullet
Кафеани
Divider
Arrow Bullet Плажи
Divider
Arrow Bullet Излетнички места
Divider
Arrow Bullet Цркви и црк. живот
Divider
Arrow Bullet Градски гробишта
Divider
Arrow Bullet Просветни прилики
Divider
Arrow Bullet Научни друштва
Divider
Arrow Bullet
Музеи
Divider
Arrow Bullet Културно-уметнички живот
Divider
Arrow Bullet Спортски живот
Divider
Arrow Bullet Односи во семејство
Divider
Arrow Bullet Материјална култура
Divider
Arrow Bullet
Духовна култура
Divider
Arrow Bullet Заклучок
Divider
Arrow Bullet Извори
Divider
Arrow Bullet

Подарени етнолошки предмети од старите скопски фамилии за Музеј на град Скопје

Divider
Arrow Bullet
Divider
Скопје како трговски центар
Скопските трговци
  - Внатрешна трговија
  - Надворешна трговија
Трговските врски како културна еволуција во начинот на живеење и материјалните промени
  Скопската трговска младина
  Скопските пазари
  - Асортиман и цени на скопските пазари
  - Улични трговци
   

Улични трговци

Овој вид трговци одиграле одредена улога во снабдувањето на скопјани со неопходни производи, било  прехранбени   или   некоја друг вид. Ситните трговци, препродавачи или селани од околните села им ја нуделе својата стока на граѓаните, поминувајќи по улиците, влегувајќи во дворовите, особено на оние кои живееле подалеку од скопските пазари или од дуќаните. Освен тоа, уличните трговци и граѓаните од посиромашната класа, од уличната трговија имале своја корист.

15.10 Улични трговци во Скопје, МГС

 

15.11. Католички Албанки, како улични  продавачки на текстил што сами го изработувале, МГС

 Од сето ова се гледа учеството на скопските трговци и работничката класа во развивање на градот Скопје. Меѓу познатите трговци се вбројувале :

Фамилијата Трпчановски води потекло од Грција од Воден (Едеса) по таткото Ѓорѓи и од Крушево по мајката Захарија. Ѓорѓи и Захарија имале три деца, Поликсенија, Елена и Јанко.

Ѓорѓи Трпчановски не потекнувал од богата семејство, но заради својата природна дарба,  тој  бил успешен трговец и индустријалец.

Тој бил сопственик на една од ретките деликатесни продавници во Скопје “Ефтинија” која се наоѓала во истиот ред со кафеаната “Маргер” на градскиот плоштад. Дуќанот нудел првокласни производи, прехранбени артикли и луксузни пијалаци. Се продавале разни видови  сувомесни производи, кашкавали и сирења. Најголем дел од стоката била донесена од Загреб, Белград и други места. Заради ексклузивната  стока,  во “Ефтинија” купувале сите повидни граѓани, дури и конзули. Речиси сите постојани муштерии имале отворена сметка и стоката ја земале на почек. Ѓорѓи Трпчановски бил познат по својата хуманост и дарежливост, па така,  на секој поголем празник, како Божиќ, Нова Година, Велигден и сл., на сиромашните им подготвувал големи пакети со храна и други животни намирници.

Покрај оваа деликатесна продавница, Трпчановски заедно со братот на Захарија, Никола Ефтимов (тогаш Јефтимовиќ), поседувал уште два ката со простории за изнајмување кои се наоѓале над самата продавница (на местото до денешната стоковна куќа “Типо”).

Особено внимание се посветувало на  воспитувањето и школувањето на децата . Тие покрај редовната настава во основното училиште “Св. Богородица” во Пајко маало, учеле да свират и пијано на приватни часови.

Елена започнала да ја посетува Трговската академија во Скопје, но подоцна се префрлила на Домаќинското училиште во Загреб кое и го завршила. Нејзиниот брат Јанко завршил Медицински факултет во Загреб. Со тоа се исполнила желбата на Ѓорѓи, неговите деца да се школуваат бидејќи тој самиот немал  таква можност. [1]

 

15.12. Семејна фотографија на Трпчановски, МГС инв. бр. 4622

 

Кратовалиеви исто така спаѓаат во редот на познатите трговци од Скопје.

 Прадедото на соговорникот Михајло Кратовалиев, имал уште  тројца  браќа - Гого, Кољо и Димче. Димче бил роден во 1848 година. Прапрадедото на Михајло, Иван Кратовалиев се занимавал со трговија на басми, памук и друга конфекциска роба. Сé додека  не станал трговец, тој чест пати го менувал својот занает поради што имал прекар - Дели Иван. Во трговијата меѓу Скопје и Солун се користеле камили за превоз на стоките од типот на : јарешки, јагнешки, телешки кожи кои се изнесувале од Скопје, а се внесувало сол, газија, јужно овошје и слично. Газија, на пример, се внесувало во поголеми количини поради тоа што таа многу се трошела за уличното осветлување со помош на фенери. Фенерите се полнеле по определен ред и  тоа една недела тоа го правел еден трговец, другата недела следниот итн. [2]

Кратовалиеви уште од 19 век со камили носеле газија и сол, при што солта се носела во бисаги од козина, а газија во вреќи од кожа товарени по шест на секоја камила. Караванот на камили го водело магаре со товарена храна “за по пат” којашто, исто така, била сместена во бисаги. Сите камили меѓу себе биле поврзани со едно јаже прицврстено за самарот на магарето. Во периодот меѓу двете светски војни тој бил книжар, односно тргувал со книги и школски прибор. Тој бил учен човек, а своето образование го стекнал во Солун. За неговата   книжарница   во своите мемоари пишува и Павел Шатев. [3]

 

  Цветанови биле угледни трговци со текстил.

Стефан Цветанов потекнувал од угледна скопска фамилија. Неговиот татко, Коце, имал далечно потекло од с. Дивље, Скопско, од родот Чолакови. Подоцна го менуваат презимето од Чолакови во Цветанови по прадедото на Коце-Цветан. Сопруга на Коце била Елисавета Китинчева. [4]

Тие имале  само еден син-Стефан. Живееле во Пајко маало.

Коце извесно време престојувал во Швајцарија и по враќањето во Скопје  се вработил во дуќан кај некој Србин од Косово каде што добивал ниска плата. Неговиот син Стефан ,пак, по завршувањето на Трговската академија во Скопје, отишол на студии во Загреб  на Експортната академија (денес Економски факултет). Кога еднаш на распуст дошол во Скопје видел  дека татко му е многу експлоатиран во дуќанот и му предложил да го напушти, за   потоа двајцата да основаат  свој дуќан. Отвориле трговски дуќан, за кој земале во почетокот стока на консигнација, а по продажбата на стоката  им исплаќале на трговците од кои ја набавиле.

Во 1934 год. Стефан стапил во брак со неговата избраничка Ганка Стефчева. Ганка била од многу угледна фамилија, имено татко í Трајко бил сопственик на туланата “Слон”(денешен ИГМ-Типо), како и на мелница која заедно со туланата се наоѓале на негово земјиште кое зафаќало речиси половина од Топанско Поле. [5]

По стапувањето  во брак сопружниците живееле во куќата на Коце. [6]

Трајко Стевчев, таткото на Ганка им отстапил една куќа на младоженците како свадбен дар, која пак тие ја продале и со парите купиле дуќан кај црквата Св. Димитрија. Во тој дуќан работеле до 1940 год.  Стоката- текстилна метража- ја увезувале од Осиек, Вараждин (Хрватска), Германија. Клиентелата во дуќанот ја сочинувале побогатите граѓани, како фамилиите Настеви, Галиќ и сл. Цветанови оствариле соработка со повеќе кројачи во Скопје. Тие во својот дуќан имале увозни модни журнали од Германија, и кога муштеријата ќе одберел модел, му продавале штоф адекватен на тоа што го одбрале. Потоа ги упатувале кај некој од кројачите со кои соработувале. Кројачите пак кога ќе им се обрател некој за совет од каков штоф да сошијат, го праќале во дуќанот на Цветанови.

Сиот овој ангажман им овозможил на Цветанови доста пристоен живот. Имале богат социјален живот. Славеле пресвета, служба на Митровден. [7] Особено ги славеле имендените, кога во нивната куќа имало голем број роднини и пријатели.

 

15.13. Пред дуќанот на Цветанови, МГС инв. бр. 4559

 Семејството Кранго биле трговци и  сопственици на фабрика за чоја во Земун.

Во 80-тите години на 19 век од Крушево во Скопје се доселиле браќата Кранго  кои по занимање биле абаџии- кројачи на  народна носија. Едниот од браќата имал два сина  (Коста и Ѓорѓи) и три ќерки ( Флора, Синча и Хариклија). Најстарата ќерка Флора  била неколку години постара од  Ѓорѓи Кранго. Во првите години од 20 век, Коста Кранго се оженил со Ника Гудас (од позната влашка фамилија), а братот  Ѓорѓи се оженил  со Василикија Пренда од исто така   стара цинцарска фамилија. [8] Василикија и Ѓорѓи имале 6 деца кои останале живи:  Антигона 1907 год., Петра-Пепа 1910-11 год., Панта 1913 год., Хрисула-Лула 1917 год. , Стерја, Дуча 1920 год. и Димитрија- Такица 1922 год.  Родиле уште неколку деца кои како мали умреле.

Братот Коста и Ника немале деца, па затоа подоцна  посвоиле ќерка Јелисавета-Савча.

Ѓорѓи не го сакал абаџискиот занает и тој од млади години сакал да се занимава со трговија. Меѓутоа, таткото и братот енергично биле против тоа  да го напушти својот еснаф.

По смртта на таткото,  Ѓорѓи веднаш почнал сериозно да се занимава со трговија, со добар почетен капитал. Во оваа работа тој имал голем успех и успеал да создаде  добра фирма со трговија со текстил на големо и мало. Поседувал и голема фабрика во Земун за шиење на војнички униформи. Ѓорги многу патувал, а тоа му го овозможила неговата трговска работа.

Фирмата се водела на Ѓорѓи и Коста, меѓутоа главната работа ја водел Ѓорѓи. Дуќанот се наоѓал во покриената чаршија, а тоа била куќа на кат. [9] Децата Панта и Пепа се школувале во Солун во француски колеџ, во 1926 и 1927 год., а Антигона во Француско-српската школа во Скопје но не ја завршила бидејќи мајката Василикија била болежлива.

Кранговата палата  ја изградиле Ѓорѓи и Коста, со цел од оваа куќа да земаат рента.  Имале договор со Поштата, која по изградбата требало да се всели  во палатата. Палатата почнала да се гради во 1925 год.  и за да се заврши побрзо, биле подигнати големи кредити. Во меѓувреме, Ристиќевата палата била готова и Поштата била вселена во неа. Поради тоа биле дадени дополнителни инвестиции за да се преуреди зградата во станбен простор и да се издава како станови. Панта и Петар биле тие што ја собирале киријата.

Фабриката за чоја во Земун паднала под стечај во 1932 год. и семејството имало големи долгови што ги подмирувало од рентата од палатата Кранго. Братот Коста Кранго  бил донатор на црквата Света Петка, а во 1932 год. кога семејството финансиски пропаднало, братот на Вероника (Ника), Гудас, ја откупил куќата во Пајко маало на лицитација, и во неа живееле Вероника со посвоената ќерка Јелисавета.Ќерката на Ѓорѓи ,Антигона се омажила за еден од браќата Галич. [10]

 Меѓу сопствениците на трговски дуќан во Скопје е и фамилијата Стојанови -Чакарови (Ч'крови),

Семејството на Стојан и Кипра било многудетно и се состоело од шест деца, Димитар, Арсо, Марко кои останале да живеат со родителите и три ќерки Дафка, Мица и Коца. Стојан и Кипра се сметаат за родоначалници на семејството Стојанови. Во почетокот, по доселувањето,  семејството помагало во секојдневните работи на имотот на бегот. Освен оваа земјоделска дејност што Стојан ја вршел  за бегот, тој се интересирал и за други стопански гранки, особено за трговијата.

Во овој период познат трговец во Скопската чаршијата бил трговецот Чакар, со кого Стојан се запознал. На чорбаџијата му требале пргави, работливи и чесни момчиња и во договор со чорбаџијата, Стојан го дал својот син Марко да работи. Стојан својот син Марко на чорбаџијата му го дал со зборовите:”Јас ти го теслимам и ти го оставам на своја душа, отсега ти си му татко, ти си му мајка, во твои раце е неговото место, ако треба за негово добро да го тепаш ако не слуша. Јас сакам да си останам со чист образ и доверие.”

Марко не бил писмен, но сакал да се школува  и чорбаџијата Чакар кој  имал два сина  кои се школувале во Европа, му овозможил на Марко да научи да чита и да пишува. Марко  особено покажал интерес за  сметањето.

Чорбаџијата Чакар го унапредил Марко кој бил работлив и чесен, од млад калфа во главен калфа, со што ја покажал наклонетоста кон трудољубивоста и чесноста на Марко.

Работата во дуќанот сé повеќе напредувала, а Чакар сé повеќе во Марко гледал иден соработник. Тоа бил погоден момент Марко да му предложи на чорбаџијата, неговите браќа Арсо и Димитрија да работат во дуќанот, со што чорбаџијата се согласил. Чорбаџијата Марко отворил дуќан и во Солун, а од таму во Скопје носел бакалак и други стоки. Во понатамошната работа на дуќанот, Марко станал ортак на Чакар.

Во правата половина на 19 век, чорбаџијата Чакар починал, а бидејќи неговите два сина не сакале да ја наследат работата во дуќанот, работата ја продолжил Марко, а делот на синовите им го исплатил. Марко со синовите на Чакар и понатаму продолжил да  живее како со браќа  и го задржал нивното презиме кое фамилијата го задржала до денес.

Работата во дуќанот ја продолжиле  Марко и неговите браќа, Арсо и Димитрија.

Марко и браќата се истакнале како добри газди кои своите вработени ги третирале како рамни на себе. Честопати се случувало вработените да бараат помош  од газдите кои им  давале пари на заем, но никогаш со камата-”фајде” бидејќи лихвата ја сметале за грев.

Поради менувањето на општествено-политичките односи во Македонија  по Балканските и Првата светска војна, браќата Стојанови-Чакарови (Ч'крови), решиле да го променат начинот на работа.Сите браќа оформиле  свои семејства. 

Димитрија имал два сина, Јордан и Пане. Јордан заминал во Софија, а Пане останал во Скопје, оформил семејство и се занимавал со трговија  во Скопје.

Марко имал два сина, Илија и Кочо и три ќерки. Илија живеел во Солун и работел во фирмата, а Кочо се школувал во Франција, каде што и останал да живее.

Арсо имал два сина и три ќерки. Синовите Петре и Атанас останале во Скопје, имале семејства и ја продолжиле заедничката работа.

Трговијата што во периодот меѓу двете светски војни ја воделе Марко, Арсо и Димитрија, била позната под името Чакар, но со менувањето на условите, тие го промениле името на фирмата во “ Браќа Стојановиќ и синови”.

Трговијата во дуќанот се повеќе се ширела и се воспоставиле трговски врски со Србија, Бугарија, Грција.

Заради развојот  на трговијата, браќата Стојанови се согласиле да направат  договор за работа со сите обврски и задолженија. Таков договор е направен во присуство на сите браќа на 25 јануари 1914 год. во Скопје. [11] Според договорот,  сопствениците на фирмата се сложиле за заеднички дуќан со три отсека за работа, со вложен сопствен капитал, како што е запишано во тефтерот бр. 4 :

Сопствениците се сложиле во иднина дуќанот да работи под името “Браќа Стојановиќ и синови”. Фирмата била испишувана на српски или бугарски јазик во зависност од тоа под чија  власт била Македонија, [12] но името Чакар останало од разбирливи причини, бидејќи фирмата во трговскиот свет била позната под тоа име.

Втората согласност меѓу браќата била  дуќанот да има три отсека:

-првиот отсек бил во Скопје под управа на Петар и Атанас Стојановиќ, со вложен личен капитал;

-вториот отсек бил исто во Скопје под раководство на Пане Д. Стојановиќ со свој капитал;

-третиот отсек бил во Солун  кој го водел Илија М. Стојановиќ.

Со овој договор било предвидено секоја година,  во јануари, да се пресметаат сметките од трите отсека  и секоја добивка ако “Бог дал печалба” и губиток  “Не дај Боже”да се подели на четири еднакви дела. [13]

Фирмата под името Чакар работела 100 години, а под името “Браќа Стојановиќ и синови” 50 години.

Дуќанот се наоѓал во трговскиот дел на Скопје, во старата Скопска чаршија, каде што се наоѓале леблебиџиите, во близината на Капан Ан и Сули Ан.

Дуќанот бил направен  од тврд материјал, на два ката и визба за чување на стоката. На првиот кат  се наоѓала голема просторија каде што  била изложена целата стока, а на вториот кат биле сместени луѓето кои се занимавале со сметководството. Зад дуќанот имало голем двор  каде што се чувале предмети за работа (буриња, сандаци и др.). Заради стоката што ја продавале, тие изнајмувале и магази кои им служеле за чување (наут, сапун,кафе, шекер). Магазите биле во Сули Ан и Капан Ан.

Сопствениците директно учествувале во секојдневната работа во дуќанот, но заради зголемениот обем на работа во дуќанот,  се јавила потреба  од помошници, па наскоро биле вработени  три калфи и двајца сметководители.

Работниот век  вработените го поминувале во фирмата, бидејќи имале полно разбирање и соработка со работодавачите.

Вработените имале добри приходи во фирмата (1000-1300 дин.) Добрата работа во фирмата овозможувала и дополнителни  плати. Секоја сабота сопствениците на вработените им давале и бесплатни намирници - ориз, шеќер, зејтин, а работниците биле зачленети и во тогашниот  Државен завод за осигурување на работниците, преку кој им било обезбедено здравствено осигурување и пензија. Долговите за вработените ги плаќала фирмата. Освен тоа, фирмата настојувала вработените да имаат соодветно образование, ги поттикнувале да се запишат во Трговската академија и слично. Во случај на домашна веселба или тага, фирмата секогаш им давала помош на вработените. Кога некој од нив ќе отворел свој дуќан, тие давале и кредит без камата на неопределено време.  Се случувало и некои од долговите да бидат избришани поради неможноста за враќање.  За ваквото однесување на газдите, семејството Стојанови имало и писмени изјави од луѓе кои работеле во фирмата. Работата на фирмата и односите во неа биле мотив за расказот “Таска” кој го напишал непознат автор.

Фирмата “Браќа Стојановиќ и синови” дала свој придонес и во изградбата на црквата Свети Димитрија во 1896 год., поточно во изградбата на амавонот. И денес стои натписот  “Приложиле за вечен спомен Арсо Стојанов и синовите Петар и Атанас”.

Пане Д. Стојанов имал четири сина и една ќерка. Неговите деца завршиле основно образование и средно,а само тројца од нив се стекнале со универзитетско образование, на Белградскиот универзитет, агроном, лекар и на универзитетот во Белгија, економист.

Во семејството Чакаровци (Ч'крови)-Стојанови, секоја година,  на денот на службата на куќата се обезбедувало јадење за осудените во затворот Куршумли -ан. Управата на затворот приготвувала јадење познато под името “апсанџики гра”. Сите продукти потребни за приготвување на ова јадење ги давала фирмата ( грав, зејтин, сол, зачини, зеленчук). Ова добродетелство од Димитрија и Арсо Стојанови го продолжиле и нивните наследници Петар, Атанас и Пане. Во периодот по Првата светска војна, поради менување на условите,  овој обичај бил прекинат.      

Покрај усмените пораки на старите Стојанови, тие оставиле и писмени завештанија-тестаменти. Во овие тестаменти бил даден опис на имотот, материјалната положба, негова поделба, како и обврски на наследниците кои требале да се извршат по смртта на покојникот.

 

 15.14. Пликови од фирмата “Браќа Стојановиќ и синови”, МГС инв. бр. 4693

 

15.15. Изјава на Младен Петровски

 Тестаментот на Димитрие Стојанов кој бил напишан во 1905 година, пред тројца сведоци. Во тестаментот Димитрие ги задолжил Јордан и Пане да му направат гроб од мермер, а по неговата смрт, на две години, на Велигден и Божиќ да подаруваат по две вреќи брашно на сиромасите. На црквите “Св. Богородица” и “Св. Димитрија” да оставаат по 20 бели меџидии (турски златници), а на џамијата Мурат Паша, 5 бели меџидии.

 

15.16. Дозвола за малопродажба на тутун, издадена на Боце Петковски во Скопје во 1939 год. , МГС

 

15.17. Земјоделско текстилна и ветеринарна изложба во Трговската академија во 1928 год., МГС инв. бр. 2136

 

15.18. Медал доделен на Панче Крстев на претходно наведената изложба, МГС


 

[1] Елена Трпчановска, сеќавања, теренски истражувања  во 1994 год.

[2]  Михајло Кратовалиев, сеќавања, теренски истражувања во 1995 год.

[3] .  Павел Шатев, Македонија под ропство, “Б,лгарски писател”, СофиÔ 1968, 167-169.

[4] Татко на Елисавета Китинчева бил Ѓоре Китинчев по потекло од Маџари. Елисавета имала еден брат, Спиро Китинчев. Ѓоре бил сопственик на локалитетот “Острово” уште од времето на Турската империја. Овој локалитет името го добил по јазот каде што се двоела р. Вардар, а на тоа место имало воденица, сопственост на Ѓоре Китинчев. Имале и големо земјиште на кое одгледувале јагодишто биле први  во Скопје и кои Спиро ги донел од Швајцарија каде што студирал. И Ѓоре Китинчев бил факултетски образован и сестран човек, заради што во 1908 год. бил избран да го застапува народот во Собранието на градот како претставник на христијаните.(Сеќавања на Ганка Цветанова).

[5] Ганка Стефчева е родена во 1916 год. во семејството на Трајко Стевчев Бакиќ. Нејзината мајка, Цона, починала млада, па Трајко морал да се прежени поради тоа што не можел сам да се грижи за своите пет деца. Прво живееле во Топаана, но во 1926 год. изградил нова куќа до плоштадот на градот на ул. “Максим Горки” кај денешен “Жито Лукс”. Ганка  завршила Радиничка школа и се омажила на 18-годишна возраст.

[6] Таа куќа била многу убава. Ентериерот бил со миндерлаци и миндер со бело платно, тантела и перници. Дворот бил поплочен и имало бунар. Вода имало спроведено само на долниот кат, немало бања, туку се капеле во амам. Имале и фрижидер со табли мраз, а шпоретот бил на дрва. Подот бил покриен со жолти штици кои секогаш светеле, давајќи и на куќата посебно уреден изглед.

[7] За време на владеењето на Србите меѓу двете светски војни  преименувана е во слава, а место поскурник се правел славски колач. Ганка памети еден случај во детството кога вечерта спроти славата на татко í дошле џандар и инспектор во цивил да ги известат дека наредниот ден ќе ги посети Банот и дека мора да имаат славски колач. 

[8] Стариот Пренда бил многу богат трговец, а покрај тоа имал и големо стадо на овци ( се зборувало дека има 10.000 овци кои во зима биле во околината на Солун, а летно време на Шара. Петраки Пренда, таткото на Василикија,  имал и два сина, постариот Петар и помал брат кој бил избркан од дома поради непослушност ( бидејќи некоја ноќ кога тој бил со стадото овци во околината на Крушево, тој отишол да ја посети својата девојка  и иако утрото се вратил , таткото не можел да му прости и го избркал од дома, а после тоа ништо не се слушнало за него), и 8 или 9  керќи  и една посвоена ќерка. Сестрите на Василикија  биле мажени, 2 во Србија, 1 во Софија, 1 во Египет, 2 во Грција, 1 во Румунија. Василикија извесно време поминала кај својата сестра во Романија и таму учела школо и секогаш велела дека не е писмена  бидејќи не знала да пишува кирилица, туку само латиница.

[9] Имале голем  имот во Скопје, куќа на Серава, а Ѓорѓи со фамилијата во 1922 год. се преселил во новоизградената куќа во Пајко маало која имала 16 соби, поплочена кујна и пумпа во подрумот каде што секој ден доаѓале Цигани да пумпаат вода. Во куќата имале голем камин  на кој се готвело и со него се затоплувало. Сеќавања на Милица Кранго.

[10] Милица Кранго, сеќавања, теренски истражувања во 1995 год.

[11] Договор за работа

  [12] Прилог: плик на фирмата напишани на бугарски и српски јазик.

[13] Во 1914 год. ортакот Јордан, бидејќи отишол да живее и да работи во Софија, од 1915 год. работата останала на тројца и така се делела добивката и губитокот, на три еднакви дела.