Скопје отсекогаш бил град
на цвеќето. Во сите скопски дворови се саделе цвеќиња. Ако немале
двор, цвеќиња одгледувале во саксии наредени на прозорците, на
скалите. Веќе споменавме дека во градските скверови, паркови и улици
имало големи диви и питоми рози. Розата била почитувана и
одгледувана. Потекнува од источните земји, а во приказните е симбол
на убавината. Старите скопјани розите ги набавувале во розарниците
на Саад - Един, шеих Текија Руфаји, Емин Јашара. Посебно убави биле
затворените ѓулистани, каде што розите цветале над високите
ѕидови.
Скопјани многу ги сакале
цвеќињата, па затоа во Скопје имало голем број на продавачи на
полско и сезонско цвеќе.
Во бавчите и дворовите се
одгледувале и многу други цвеќиња меѓу кои босилек, лаванда,
сардели, невен, астир, хризантеми, петунии, лалиња, гладиоли,
каранфили и сл.

24.1. Во уредениот двор
на семејството Шкаперда се одгледувале и олеандри, МГС инв. бр. 4654

24.2. Во дворот на
семејството Димитрови во Маџар маало, МГС инв. бр. 4448

24.3. Дел од фамилијата
Рибареви пред влезот на куќата, МГС инв. бр. 4664

24.4. Дел од фамилијата
Рибареви во дворот, МГС инв. бр. 4664

24.5. Петрови во својот
двор, пред мала фонтана со цвеќиња во саксии, МГС инв. бр. 4682
Семејството Божиновски во
вилата на Водно, “Вила Лела”, имале голем двор со лозје и многу
овошки. Предниот двор бил засаден со многу цвеќиња - перуники,
“шебој” рози во рондели и др. Поради многуте рози, Вукосава
Божиновска ги давала на жени да ги продаваат по скопските кафеани, а
тие за тоа í плаќале по 25 динари.
|