Други излетнички места во
скопската околина |
Поради богатите подземни
води, во скопската околина имало многу извори. Од рамничарските
извори со добра вода познат бил изворот кај паркот во Чаир, наречен
Кајнок - извор, којшто со своите обилни води ги залевал пространите
ниви на плодната рамнина зад Гази Баба.
Изворот Кајнок бил
составен од повеќе изворчиња во вид на полукруг од околу 50 м. и
длабочина од 1,5-2 метра и претставувал еден вид на мочуриште. До
изворот можело да се оди и пешки.
Во зачеток бил и развојот
на школскиот туризам. Во 1933 година 200 ученици од основното
училиште “Бранко Радичевиќ” со воз патувале на излет во с. Драчево,
каде што го посетиле селското училиште и бавчата каде што биле
вршени опити за сеење на памук. Го посетиле и рудникот за јаглен
Тресет каде што биле запознаени со процесот за добивање на јаглен.
Овие излети на учениците имале научно - туристички карактер.
Но, сепак, најомилени
места за посета биле оние во близината на Скопје - Марково крушче
на Водно,
Црниче, Кисела вода, Тахталиџе и др.

30.7. Скопјани на
првомајски излет во Кисела Вода во 1939 год., МГС инв. бр. 2121

30.8. Фамилијата Чохаџиќ
на излет во Катлановска Бања, МГС инв. бр. 4467
Рамничарските предели на
Скопската Котлина од јужната страна ги заокружувале планините
Караџица и Јакупица со врвот Солунска Глава (540 м.) од каде се
пружал необичен видик. Особено привлечна со својата убавина била
планината Китка, бистрите води на Кадина Река и Маркова Река кои
биле прекрасни излетнички места. Атрактивноста се дополнувала со
клисурести долини со планинска вода, пошумени терени околу речните
корита и вистинско рибно богатство.
Во овие предели внимание
привлекувале и културно-историските споменици - црквата Св.
Димитрија или како уште го нарекуваат Марков манастир во долината на
Маркова Река, црквата Св. Богородица (позната и под името Св. Никола).
На падините на Водно
најпосетуван бил манастирот Св. Пантелејмон.
Но, освен овие еднодевни
излети во околината на Скопје, многу од побогатите скопски семејства
закупувале и соби во манастирите каде што се одморале во летниот
период. Богатите семејства оделе и на бањи. Најмногу се одело во
Врњачка Бања, па дури и во бањата Липник во Словенија.

30.9. Група скопјани на
излет во Дубровник во 1931 год. , од фотоалбумот на Елена Мацан, МГС

30.10. Семејството
Читкушеви на одмор во Врњачка Бања во 1933 год., МГС инв. бр. 4849

30.11. Семејството
Трпчановски на одмор во Врњци во 1933 год., МГС инв. бр. 4626

30.12. Брачниот пар
Трпчановски со пријатели во Врњачка Бања, МГС инв. бр. 4614
Покрај саботните посети
на соседите и роднините по домовите, во текот на летниот период
редовно се организирале излети по селата, манастирите, во околината
на Скопје. Излетите биле организирани секоја недела. Се тргнувало
рано сабајле, а се враќале во вечерните часови. Превозот се
организирал со шпедитерски коли. Денот го минувале со песна,
раскажувале случки од неделата што изминала, се шегувале- со еден
збор било весело.
Друштвениот живот во
голема мерка се одвивал на попладневното корзо.
Матинеа се одржувале во
Машката гимназија, секоја недела попладне, со присуство на
професорите. Посетата на театарот и киното била редовна, а излетите
биле посебна разонода на скопското население. Со посебно задоволство
се тргнувало на излети, некогаш и многу рано, бидејќи се одело со
шпедитерска кола која пред тоа се резервирала. На излет се одело во
Матка, Катлановска Бања, Скопска Црна Гора, а се летувало во
манастирот Побожје,Свети Архангел, Свети Никита и др.
Семејството Чохаџиќ
своите летни одмори ги поминувало во Врњачка Бања, Нишка Бања,
Владички Хан, а во подоцна одморот го минувале и во Словенија,
Језерско, Рогашка Слатина, каде што патувале со воз, а бидејки др.
Чохаџиќ бил и железнички лекар, тие патувале со режиски билети.
Секоја
година на “чист понеделник” оделе на излет на Тасино Чешмиче, каде
што многу се пиело и тој што најмногу ќе испиел го прогласувале за
водач на друштвото и му обесувале венец од кромид и пиперки на
вратот, го качувале на шпедитерска кола и го враќале назад. На
Ѓурѓовден се одело на излет во манастирот Свети Илија и Свети
Ѓорѓија во Кисела Вода.
Манастирот го подигнал Крале Марко и тоа во периодот 1366-1371
година. Според својот план, црквата има впишан крст во
правоаголна основа, купола и нартекс што завршува со слепа
купола. Црквата е ѕидана од сувозелени камени блокови и црвени
тули, од кои се изведени интересни шари на олтарната апсида од
надворешната страна. Посебни се фреските Оплакувањето на Рахела
(колежот на децата од Витлем). Во црквата се зачувани и остатоци
од оригинален иконостас.
|