Војничките христијански
гробишта биле уредени, чисти, оградени и парцелисани, а се наоѓале
кај Храмот на славата. Според едно писмо од Министерството за вера
на Кралството СХС, во 1920 год. била донесена уредба за одржување на
воените гробишта. Според оваа уредба, за воените гробишта се грижеле
подрачните парохиски свештеници и црковните општини. На секој гроб
се ставал дрвен крст од тврдо дрво, обоен со масна црна боја, а на
крстот се испишувало името и презимето, местото од каде бил војникот
и единицата. Гробиштата биле оградени со жица и колци.
Во 1921 год. Општинскиот
одбор со одлука одредил бесплатно земјиште со површина од 800м2 за англиските воени гробишта до француските гробишта. Во 1922 год.
овие гробишта биле проширени уште за 600м2.
Во 1922 год. на
француската влада í било дозволено да ги закопа своите паднати борци
на земјиште кое се наоѓало кај тогашната коњичка касарна. Во 1923
год. со одлука била одобрена и површина од 8-10000м2 во
Топаана. Француските гробишта биле оградени со бодликава жица.

31.9а Француските
гробишта, МГС вл. бр. 1577
Со оглед на составот на
населението со различна вера и националност, било разбирливо
постоењето на многу гробишта (седум граѓански и две воени). Секое
маало во својата близина си имало и свои гробишта. Меѓутоа, малку
гробишта биле уредени според законските прописи. Гробиштата немале
пристапни патишта, околината не одговарала на потребите, гробиштата
не биле оградени, ниту пак имале потребни згради за чувари, згради
за давање помени, ниту згради за привремено сместување на умрени од
заразни болести. За умрените не се воделе книги и често не можеле
да се пронајдат одредени гробови. Поради непристапноста до
гробиштата, луѓето ги носеле мртвите на раце.
Поради ваквата состојба,
во 1931 година Санитетското одделение издало наредба за начинот
на закопување на умрените. Според таа наредба, кога некој ќе умрел дома, старешината на куќата
бил должен смртниот случај да го пријави на дежурниот лекар, каде
што ги поднесувал сите податоци за умрениот. Со доаѓањето на лекарот
во куќата на умрениот се издавал посмртен лист. Со посмртниот лист
во општинскиот суд се плаќала такса за гроб и се утврдувало местото
на гробот. Гробарот бил должен да го подготви гробот во димензија
од 3-4 метри, а ако некој барал поголем простор за гроб, таксата
била поголема. Гробови кои не биле постари од десет години , не
смееле повторно да се употребуваат, освен ако семејството тоа не го
бара. Во случај гробот да немал никакви податоци за умрениот, се
барала дозвола од Санитетското одделение за повторна употреба на
гробот. Носењето на умрените на раце било забрането, бидејќи за таа
намена имало мртовечка кола која за сиромашните граѓани била давана
бесплатно.
Во Скопје, во периодот
меѓу двете светски војни имало вкупно три погребални претпријатија
- Голгота, Палестина и Конкордија.

31.10. Погребална кола на
претпријатието “Палестина”, 1932 год., Архив на Македонија

31.11. Погребот на Спиро
Хаџи Ристиќ, 13-10-1938 год., градоначалник на Скопје, МГС инв. бр.
4780
Секоја сабота се вршеле
помени на гробиштата кога се наречувало на умрените, во
импровизирани стихови. Задушници биле пред Прочка, спроти Духови и
пред Митровден. Гробовите претежно биле од камен. Побогатите семејства имале
богато изработени надгробни споменици, најчесто од камен.
На муслиманските гробишта
на гробовите се ставале капаци од табут, а постоело верување дека
ако пукне свеж гроб во правец на главата, тогаш ќе умре уште некој
од семејството. Надгробните плочи биле изработувани во долгнавест
облик, а некои од горната страна завршувале полукружно.
|