Скопското научно друштво било формирано во состав на Филозофскиот
факултет во Скопје во 1925 год., по иницијатива на деканот и
професорот на скопскиот факултет д-р Радован Груиќ. Целта на
Скопското научно друштво била сестрано да се проучи Македонија,
тогашна Јужна Србија. Проучувањата требале да бидат историски,
археолошки, литературно-лингвистички, етнографски, антрополошки,
правни, економски, социјални, географски, геолошки, ботанички,
зоолошки, а својата научно-истражувачка работа Друштвото ја
остварувало со организирање научни екскурзии, собирање народни
умотворби, ископување историски и археолошки споменици,
фотографирање, собирање народни носии, накит и други предмети од
народниот живот.
Како
резултат на работата на Скопското научно друштво во периодот од 1925
до 1937 год. биле издадени 17 книги со 4710 страници и 1862
илустрации во кои 106 писатели, домашни и странски, публикувале 338
научни прилози за најразновидни проблеми во Јужна Србија.
Во 1940
год. бил издаден јубилејниот број на Гласникот на Скопското научно
друштво по повод 20-годишното постоење и работа на Друштвото.
Во 1921
год. на првата седница на СНД бил издаден проспект за монографија
на градот Скопје, која ја опфаќала целокупната историја на градот.
Во оваа монографија свои трудови имале: д-р Г. Новак со темата “За
историјата на Скопје од најстари времиња до освојувањето на градот
од Србите”, д-р Р. Грујиќ, “Историја на градот Скопје за време на
српскиот период”, Глиша Елезовиќ и д-р М. Костиќ, “Скопје под
Турците”, др. П. Колендиќ “Односи на Скопје со Дубровник и јадранско
приморје”, М. Чемериќиќ, “Најнова историја на Скопје од Балканските
војни 1912 до денес со оглед на сегашната социо-економска состојба
во градот” и д-р П. Јовановиќ кој ја проучил географската,
етнолошката и климатската страна.
СНД
било формирано во 1921 год., а реорганизирано во 1925 год. кога биле
донесени правила за работа. СНД работело во рамките на Филозофскиот
факултет, а било сместено во втората факултетска зграда, каде што
Друштвото имало магацин за книги и своја библиотека со стручна
литература, која постојано се зголемувала.
СНД
имало за цел да работи и да ја организира работата за сестрано
научно проучување на Јужна Србија и соседните области, како и за
развој на науката и уметноста.
Седиштето на СНД било во Скопје, а задача на сите научници била да
им ја олесни и овозможи работата на другите научни работници. СНД на
сопствен трошок испраќало одделни стручњаци и експедиции на разни
задачи. За соопштување на резултатите од научната работа биле
свикувани стручни состаноци. Заради меѓународна афирмација, СНД
одржувало врски со домашни и меѓународни научни друштва и установи.
Сите теми во Гласникот имале резиме на француски или германски
јазик, заради поширок светски публицитет. Гласникот на СНД и другите
изданија биле разменувани со публикации на академии на науки,
универзитети и научни институции од многу земји во светот. СНД се
финансирало од разни донации, јавни предавања и изданија на
Друштвото, од државни самоуправни установи и приватни лица, подароци
и легати.
Сите
членови плаќале членарина во износ од 100 динари годишно. Сите
членови бесплатно ги добивале изданијата на Друштвото.
Состаноците на СНД претставувале стручни собири, а се одржувале
годишни, редовни и вонредни собири на редовните членови како и
свечени собири.
Годишните собири се одржувале во април, кога се поднесувал годишен
извештај за работата на управата, уредниците, библиотеката. Свечени
собири се одржувале во мај кога се доделувале повелби, биле
примани нови членови и биле одржувани јавни предавања.
На
редовниот годишен собир на редовните членови на СНД во 1938 год. во
предлогот за избор на редовни и дописни членови на друштвото биле
имињата на д-р М. С. Филиповиќ кој во 1930 год. бил доцент на
Филозофскиот факултет, д-р Франц Месеснел кој работел во Музејот на
Јужна Србија, а потоа на Филозофскиот факултет, д-р Анастасије
Урошевиќ, научен соработник, Јосиф Михаиловиќ, архитект и
претседател на Скопската општина, професор Стефан Симиќ, д-р Синиша
Станковиќ, член на САНУ, д-р Фран Туџан, универзитетски професор од
Загреб, Никола Мартиноски, академски сликар и други.
|