Музејот на
Јужна Србија во Скопје |
Паралелно со отворањето
на скопскиот Филозофски факултет, во Скопје биле формирани и други
научни и културни институции.
Музејот на
Јужна Србија во Скопје со сите негови одделенија (историско,
археолошко, етнографско, геолошко-петрографско и зоолошко) бил
отворен на приватна иницијатива, а основата била
историско-археолошки музеј. Имено, кога д-р Радослав М. Грујиќ дошол
во Скопје како професор по национална историја на новоформираниот
Филозофски факултет, наскоро почнал да патува низ Македонија за да
ја запознае земјата, нејзиното минато и многубројните остатоци на
стари култури и цивилизации. Во текот на тие патувања се уверил дека
Македонија покрај многуте драгоцени објекти кои сведочат за
културното минато на земјата, има голем број значајни камени и
други објекти од античкиот, римскиот, ромејскиот и османлискиот
период. Бидејќи голем дел од објектите биле изложени на пропаѓање,
Грујиќ замолил одделни градски и воени власти во местата низ кои
патувал, да помогнат за зачувување на историските споменици од
пропаѓање.
Во 1921
година било започнато пренесувањето на сите поважни камени споменици
во Скопје. Особено значајно било собирањето на 200 камени предмети
од класичната и средновековната култура кои биле донесени во Музејот
на Јужна Србија со што биле удрени темелите на лапидариумот на
историско-археолошкиот музеј во Скопје по иницијатива на Скопското
научно друштво.
Поголемите и потешки
споменици биле сместувани во дворот на Филозофскиот факултет, а
помалите во сутеренот на Филозофскиот факултет. Музејот бил основан
на 1 април 1924 година. Во почетокот тој бил Историско-археолошки
музеј со лапидариум во Куршумли-ан.

33.1. Група посетители
пред влезот на Куршумли-ан во 1935 г. каде бил сместен Лапидариумот
на Археолошкиот музеј, МГС инв. бр. 102

33.2. Лапидариумот во
Куршумли-ан, Водич кроз Скопље и околину, Скопље 1937 год.
Одделот за археологија
при Музејот прво бил сместен во Просветниот дом, каде што имал две
соби. Тој се финансирал од обласните собранија и Општината на градот
Скопје.
Дури во 1933 година Музејот добил сопствена зграда. Тоа бил стариот
турски затвор, Куршумли-ан во Скопската чаршија. Во дворот биле
поставени грчки и римски скулптури. Во долниот дел на зградата била
сместена грчката и римската антика, а на горниот кат средновековната
култура. Во долните соби биле спомениците од етнографски карактер,
жртвеници и надгробни плочи со грчки и римски натписи. Под тремовите
и собите на катот биле распоредени средновековни споменици,
оригинални скулптури и мулажи.
На камената ограда
имало два капитела од Стоби и Чичево. Музејот ја збогатил својата
работа со издавање на научните публикации “Посебни изданија” и “Годишник”.
Патувајќи низ
најзафрлените населби, Грујиќ го забележал и вонредното богатство на
етнолошки објекти кои многу брзо исчезнувале под разни странски
влијанија на новата материјална култура. Во 1925 година почнало да
се формира и етнографското одделение, бидејќи буџетот за
Археолошкиот музеј овозможил набавување на некои поважни етнолошки
предмети. Покрај експонатите собрани од терен - збирки на носии, накит и
оружје, етнографското одделение било збогатено со акварели на
одделни селски носии и модели (макети) на стари македонски куќи што
ги изработувал уметникот Петар Бибиќ. Се истакнувале макетите на
куќата-чардаклија од Скопска Црна Гора и манастирот Св. Пантелејмон
од Нерези.

33.3. Внатрешноста на
Музејот на Јужна Србија, Водич кроз Скопље и околину, Скопље 1937
год.
Во 1926 год. д-р
Војислав Радовановиќ, пензиониран вонреден професор на загрепскиот
Универзитет бил поставен за кустос на
Етнографско-антропогеографското одделение при Музејот, со задача да
помогне во прибирањето, средувањето и проучувањето на етнолошките
предмети.
Музејот
поседувал и галерија на фрескокопии и други слики, нумизматичка
збирка и други вредни предмети. Музејот бил сместен во зградата на
Трговско- индустриската комора (денешен “Метропол”), на последните
два ката. Во 1926 година било формирано зоолошкото одделение, а во
1927 година геолошко-петрографското одделение.
|