Градот Скопје во
периодот меѓу двете светски војни напредувал и во интелектуална и
во уметничка смисла. Меѓу многубројните културни и хуманитарни
организации што биле формирани, со својата активност се истакнувало
Друштвото на пријателите на уметноста “Јефимија”. Друштвото имало за
цел да ја негува и популаризира уметноста во градот. Друштвото било
формирано во 1930 год. и успеало да ја развие и разграни својата
дејност. Во почетокот на работата на Друштвото, скопските
интелектуални кругови биле недоволно заинтересирани за активноста и
структурата на Друштвото.
Друштвото “Јефимија” го
носело името на побожната ќерка на господарот на драмата и жената на
деспотот Углеша кој бил поет и уметник. Главни органи на Друштвото биле собранието на членовите,
работниот одбор и надзорниот одбор. Најголемата активност на
Друштвото се состоела во организирање на изложби. Во 1930 год. била
приредена колективна изложба на академскиот сликар Никола
Мартиновски, а со пригоден говор ја отворил д-р Ф. Месеснел,
професор на Филозофскиот факултет. Изложбата била успешна и добро
посетена, а за таа пригода уметникот му подарил слика на Друштвото.
Во истата година Друштвото организирало и книжевно попладне со
чајанка во Просветниот дом, каде што учествувале млади книжевници
меѓу кои: Коста Џорџевић, Живоин Петровиќ, Светозар Максимовиќ и др.
Во организацијата на
друштвото “Јефимија” во 1930 год. била отворена изложба на групата
“Обилиќ” од Белград, во свечената сала на Офицерскиот дом. На
отварањето на изложбата присуствувале околу 600 лица, односно сите
видни граѓани на Скопје. На оваа изложба биле продадени 22 слики, 1
скулптура и 2 барелјефа.
Најатрактивните балови
во Скопје ги организирало друштвото “Јефимија”, најмногу во
Офицерскиот дом. Во 1931 год. во Офицерскиот дом бил организиран
црно-црвен маскембал, а салата на домот за таа прилика била
декорирана во црно-црвена боја. Во концертниот дел на овој маскембал
учествувале литерати, книжевници и артисти, а била организирана и
лотарија со слики во црно-црвена боја што сликарите ги насликале за
таа прилика.

34.1. Реклама за
уметничкиот бал организиран од Друштвото на пријателите на уметноста
“Јефимија” во 1941 год. во Офицерскиот дом, Архив на Македонија
Забавата била
единствена во таа сезона, добро посетена и успешна во материјален и
уметнички поглед. Во текот на 1931 год. бил организиран и концерт
на Загрепскиот квартет во Народниот театар и излет во манастирот
Нерези на Ѓурѓовден, проследен со предавање на Ф. Месеснел. Била
организирана и втора колективна изложба на Н. Мартиновски.
Во првите години од
работата на Друштвото биле постигнати значајни резултати и била
разгранета широка дејност на Друштвото. Членови на Друштвото биле
видни граѓани и интелектуалци. Претседател била г-ѓа Здравковиќ, а
членови биле г-ѓа Месеснел, Сланкаменац, Костиќ, Вичентијевиќ,
Дидаре Ќазим, Јосиф Михаиловиќ, претседател на Општината, П.
Слијепчевиќ, Петар Митропан, Ратко Пуриќ, С.Трифунац и др.
Во текот на 1936 год.
друштвото “Јефимија” организирало изложби на видни македонски автори
- изложба на Никола Мартиноски во Окружниот уред и изложба на Лазар
Личеноски во Францускиот клуб каде што биле изложени 50 платна,
композиции и портрети.
Во 1937 год. по
иницијатива на М. Чемериќиќ била организирана јубилејна изложба на
уметници на која учествувале уметниците од Македонија. Изложбата
претставувала документарен преглед на развојот на уметноста и
постигнатите резултати. Изложбата била поставена во Клубот на
пријателите на Франција. Биле претставени делата на Димитрија
Андович, иконописец, Лазар Личеноски со 15 дела, Никола Мартиноски,
Вангел Коџоман, Нихат Аџем од Штип, Тома Владимировиќ, Дејан
Богдановиќ од Маврово и др. Посетата на изложбата била добра, а
многу од делата биле продадени.
Во Скопје, во 1937 год.
била организирана изложба на најафирмираните уметници, струјата
“Обилиќ”, во организација на друштвото “Јефимија”. Биле претставени
делата на уметниците Стале Поповиќ, Коњовиќ, Јоб, Мартиноски,
Личеноски, Хутер, Тартаљ и др. Посетата на изложбите сé повеќе се
зголемувала, скопската публика сé повеќе чувствувала потреба за
уметничка наобразба, се купувале уметнички дела, а со тоа јакнела
силата на уметниците. Во Народниот универзитет, под покровителство на друштвото “Јефимија”
во 1938 год. била приредена колективна изложба на тогаш младиот и
неафирмиран академски сликар Вангел Коџоман. Изложбата ја отворил
д-р Ф. Месеснел, професор на Универзитетот кој зборувал за модерното
сликарство и улогата на провинцијата во творештвото. Оваа изложба
на Вангел Коџоман била прва изложба во Скопје, а пред тоа тој имал
неколку изложби во Белград.
Освен ваквата активност
на друштвото “Јефимија”, биле организирани и книжевни курсеви, со
распишување на конкурси за натпревари за песни, приказни и книжевни
есеи. Овие дела биле печатени во книги на библиотеката на Друштвото
на пријателите на уметноста. Делата што победувале добивале и
парична награда. Уметниците од Македонија со своите дела го покажувале развојот на
уметноста на македонскиот народ и одиграле значајна улога во
развојот на културата.
Во текот на 1939 и 1940
год., “Јефимија” приредила уште три изложби, пред сé на уметници од
Македонија- Мартиноски, Д. Андов, Личеноски, Коџоман, В.
Поповиќ-Цицо, Љ. Белогаски и други.
Скопската културна и
научна јавност, во однос на Друштвото “Јефимија”, изразувала
поддршка и поттикнување, најчесто со непосредно учество во
дејноста на Друштвото. Претседателите на Друштвото, почнувајќи од Ј.
Михаиловиќ, претседател на Општината на Скопје, биле личности од
скопската “елита”, пред сé сопруги на познати личности (Д.
Јовановиќ, Никитовиќ и др).
Покрај познатите
уметници Никола Мартиновски, Лазар Личеноски, Вангел Коџоман, Цицо
Поповиќ, како уметници се истакнувале и Зора Поповиќ и Хајрула Сабри
кој бил прв сликар муслиман во Скопје, ученик на француската и
италијанската школа кој работел во своето ателје кај Саат-кула.
Уметноста сé повеќе
навлегувала во животот на скопското население. Се развивало
чувството за убавина. Друштвениот живот во градот сé повеќе
наликувал на животот во европските градови, се прифаќале новините и
се зголемила желбата да се учествува во културните настани кои се
случувале во градот.
|