Првиот радиоапарат во
градот бил донесен во 1924 год. Апаратот бил пријавен на скопската
дирекција на Поштата, а бил сопственост на овластен одбор во Врање.
Овој радиоапарат бил од марката”Супер” со шест ламби.
Со првиот пријавен
радиоапарат во скопската дирекција, почнала популаризацијата на
радиофонијата во Скопје и во Македонија.
Појавата на првиот
радиоапарат во градот предизвикала вистинска сензација.
Радиоапаратот бил сопственост на Станко Крстиќ, трговец од Скопје.
Радиоапаратот бил од марката “Телефункен”, батериски, со три ламби.
Радиото било купено за
11 илјади динари, а неговото монтирање го следеле од многу љубопитни
граѓани. Интересот бил голем, бидејќи сите очекувале да слушнат
вести од Белград, Виена, Будимпешта. Разочарувањето на нестрпливите
посетители било големо кога утврдиле дека ламбите на радиото се
прегорени и морале да чекаат два-три дена да бидат набавени нови
ламби од Белград.
Првиот радиоприем бил
прифатен со големо воодушевување, а сопственикот на радиото, Крстиќ,
секој ден имал многу гости кои доаѓале да слушаат радио. Пред
куќата на Крстиќ, во Ислахане, пред отворениот прозорец маса луѓе
слушала вести и музика.
Осмиот радиоапарат
купен во Скопје бил сопственост на Емил Рубен, забар, кој својот
апарат им го покажувал на младите во училиштата.
Во 1928 год.
радиоиндустријата и радиотехниката со џиновски чекори почнала да
напредува.
Многу повидни скопски
семејства почнале да купуваат радиоапарати (Рубен, Димитријевиќ) , а првото радио на струја било сопственост на Владо Ристиќ, аптекар
од Скопје.
Во 1928 год. во Скопје
имало вкупно 52 радиоапарати, од кои само еден на струја. Скопските весници изобилувале со реклами за радиоапарати, меѓу кои
биле рекламирани Стандард радио и Олимпикон радио кои според
рекламите имале модерна надворешност, висока селективност и одличен
квалитет и ги задоволувале сите барања. Радиоапаратите биле
продавани во дуќан на улицата “Крал Петар” кој бил застапништво на
Јужен трговачки Лојд.
Претставник на “Филипс”
радио за тогашна Јужна Србија бил Светозар Диклиќ. Во 1941 год. на
скопскиот пазар се појавиле и радиоапарати од Холандија од марката
“Медијатор” и тие биле најнов модел. Застапник за овие радиоапарати
бил Димитрије Анчевиќ.
Еден од поважните
радиопреноси во Скопје се случил во 1932 год. На овој пренос биле претставени македонски песни. Најчест гостин бил
Васил Хаџиманов. На радиото гостувале и белградски пејачи.
Во 1935 год. , за
период од 10 години, бројот на радиоапаратите се зголемил на 687
апарати на струја и 87 батериски. Бројот на радиопретплатниците се
зголемил на 774, а на целата територија на скопската дирекција имало
3778 радиопретплатници, додека бројот на телефонските претплатници
изнесувал 2100.
Според овие податоци,
на 570 скопски телефони имало 774 радиопретплатници што покажува
дека радиото било многу попопуларно од телефонот.
Појавата на
радиоаматеризмот сé повеќе го освојувала градот. Радиостаницата која
била изградена и поставена во с. Душановац (денес Маџари) во 1932
год. сé уште не била активирана.
Во 1939 год. градот
конечно добил своја радиостаница. Била распишана и лицитација за
изградба на радиостаница во Скопје.
Дирекцијата на поштата
и телеграфот купила 500-600 м2 површина кај тогашната
Романска амбасада (денешна Соборна црква), за изградба на
радиостудиото. Работата на радиостаницата требала да почне на 1
декември 1940 година, но била спречена поради изградбата на некој
антенски столб.

35.1. Зградата на Радио
Скопје во 1940 год.
|