Текстилната покуќнина
била најразновидна. Таа се изработувала преку домашно текстилно
производство со традиционални технолошки постапки, а била
изработувана од волна, памук, лен и коприна. Во Скопје била развиена
индустријата на волнени производи, а производството на памучни
артикли сé уште имало занаетчиски карактер. Биле увезувани голем
број индустриски платна, штофови и др. Делови од покуќнината се
продавале на пазарите и од улични трговци со ситна стока. За Скопје
како развиен трговски град, карактеристичен бил богатиот избор на
стока. Историчарот Љубен Лапе, опишувајќи ја Скопската чаршија,
забележал дека тука се продавале “...дупчести и везени перници и
завеси од шарено платно. Такви артикли нема ни во персијански земји...”.

37.22. Везено перниче
во форма на срце од семејството на Радмила Хрисоко Ставриќ, МГС инв.
бр. 4268
Во периодот помеѓу
двете светски војни во Скопје било организирано производство на
килими од персиски тип. Производството било од сопствена суровинска
база, а се базирало на долгата народна традиција, особено во
ткаењето. Но, во широка употреба сé уште биле домашно ткаените
килими на хоризонтален и вертикален разбој, иако биле модерни
персиските килими.
Многу се употребувало
“американ” платното, обичното домашно ткаено или индустриски
произведено платно кое било изработувано од “мидлинг” или”гут
мидлинг” американски памук , по што и платното го добило името.
Други платна кои се употребувале во домаќинствата биле шифонот и
калико (небелено и полубелено) платно за постелнина, крепон за
изработка на фини предмети, украсни абажури за ламби и лустери и
слично. Подебели и појаки ткаенини се користеле за навлаки на
фотелји, столови, за драпери итн. Инлет сина или црвена ткаенина се
користела за правење перници кои се полнеле со перја; сатен и
клот се користеле за правење постелнина како и дамаст - дупло широко
платно. Од ова платно се правеле чаршафи за маса, крпи за лице и
раце, салфети и друго. Навлаки за перници се правеле и од ленено
платно кое се употребувало подолго. Секако дека ова не е целосна
слика за ткаенините што се употребувале во скопските домаќинства, но
нивната разновидност е очигледна.

37.23. Украсни
перничиња со гоблен и таписерија и јамболија од 1939 год., од
албумот на Драган Петковски

37.24. Миље од памучен
конец, МГС инв. бр. 2468
Во трукерајските
работилници на парче платното се нанесувала мостра од цртеж, слика
по која потоа се везело. На тој начин домаќинките сами си
изработувале разновидни текстилни предмети за домаќинството.
Секцијата на везови во школата “Коло на српските сестри” приредувала
постојани изложби на трукерај и народни везови. На овие изложби
можеле да се купат готови чаршафи, миле, навлаки за перници и други
украсни текстилни предмети за домаќинство со традиционален народен
вез.

37.25. Крпа за бришење
раце, МГС инв. бр. 1186

37.26. Свилена навлака
за перниче, МГС
Широка употреба имале
предметите што ги произведувале јорганџиите кои изработувале
јоргани-памуклии, потоа предачите и ткајачите, бојаџиите,
декоратерите, свиларите, дрндарите на памук и сл.
Во 1933 година во
Скопје била основана Фабрика за памучни ткаенини на Беди Тулемат,
бојаџија, по потекло од Сирија. Ова претпријатие било со примитивна
работилница со десет разбои и произведувало само еден артикл,
“алаџа”платно. Подоцна неговото производство било проширено и се
произведувале “докума”, “сефир”, “пештемали”, “пешкери” итн. Целото
производство било пласирано во градот.
Семејството Трпчановски
имало куќа во Пајко маало, составена од сутерен, кат и поткровје.
Куќата имала големи и модерно опремени соби. Секој втор ден од
мразарата дома им носеле мраз во кој ги чувале животните намирници
во таканаречен мразарник, претходник на денешниот фрижидер. Рерната,
па,к ја заменувала пекарската фурна која ја имало во секое маало
каде што домаќинките печеле разни јадења - тава ориз, тава со
компири и пити. Во куќата на Трпчановци често се готвело и јадењето
“ќумлек”-телешко месо со кромид. Децата најмногу сакале шницли. За
кујната и добро приготвената храна на фамилијата посебно се грижела
нивната помошничка Николета која ја одржувала целата куќа и ги
чувала децата.
Во куќата на аптекарот
Крсте Ставриќ во Маџир маало, на првиот кат имало две големи одаи и
кујна, како и претсобје со гардероба и огромно огледало. Во
претсобјето се качувало по внатрешни скали. Најголемата одаја била
наместена за пречекување гости. Таа била уредена со трпезариска црна
салонска гарнитура, маса со тапацирани столови со црна кожа, два
креденца и пијано кое било купено од белгискиот конзул некаде во
1934-1935 година. До споменатата салонска одаја имало уште една
голема одаја, т.н. соба за дневен престој. Собата била наместена
со миндерлаци, орман за чување чинии, чаршафи, крпи, салфети и друг
кујнски прибор за секој ден, бидејќи истите овие предмети со иста
функција, но наменети за гости, се чувале во споменатата гостинска
одаја. Во собата за дневен престој имало мангал за затоплување и
шпорет кој зиме се ложел со огревен материјал, а лете се изнесувал
во соседната просторија (кујна).
Кујната имала миндер за
седење, печка за готвење, орман со чинии за готвење и послужување на
секојдневна храна .Еден дел од кујната бил одделен со завеса, парван,
зад која во аголот имало мијалник. Нужникот се наоѓал меѓу катовите
по скалите. Сите водоводни и канализациони инсталации биле поврзани
по вертикала.
Приготвената храна во
малата кујна на првиот кат се служела во трпезаријата во собата за
дневен престој, каде што јадело целото семејство. Во оваа соба
предниот ѕид бил стаклен со подвижна рамка.
На вториот кат, по
целата должина, се наоѓале собите за спиење. Во спалната на
Викторија и Крсте Ставриќ имало два големи жолти кревети од дрво,
трокрилно огледало и едно детско креветче за најмалото бебе кое уште
спиело со родителите. Детското креветче било со железни странични
делови и со преден мрежест подвижен дел кој по потреба се кревал и
се спуштал.
До спалната на
родителите имало спална соба за децата.
Внатрешните скали во
куќата на Ставриќ од приземјето до првиот кат и од првиот кат до
вториот, биле бетонски, со мозаик, а нагоре, на терасата, се
качувало по дрвени скали.
Таванскиот простор бил,
исто така, голем колку и куќата по хоризонтала. Одзади на таванот
имало висок ѕид, а покривот имал блага косина.Сé во оваа куќа имало
своја функција. Така, помеѓу вториот кат и терасата се наоѓал нужник,
перална во која се перело и две големи простории за сушење алишта
и за сушење на аптекарските суровини.
На покривот на куќата
имало фигури во вид на чаши, а на фасадата, фигури на змии - симбол
на медицината.
Во 1920 година куќата
на Петар Анастасов се наоѓала на ул.” Поп Кочина” на местото каде
што денес се наоѓа Градскиот трговски центар. Куќата била на кат, со
поплочен двор. На катот имало салон за гости и од двете страни по
две одаи. Од едната одаја се влегувало во летната кујна. Одаите биле
убаво наместени. Во гостинската одаја, на пример, имало тешки
кадифени завеси - драперии и чудо - етажерка со разни ситници.
Подот бил покриен со убав килим којшто по уривањето на куќата бил
однесен во Дворецот на Крал Александар (според сеќавањата на Сунчица
Николовска, внука на Петар Анастасов, ќерка на неговиот син Кирил).
Во четирите одаи живееле четворицата оженети синови на трговецот
Петар и Султана Анастасови, а гостите се пречекувале во спомнатата
гостинска одаја.
Послугата готвела во
кујната, а за време на ручекот на масата седнувала целата фамилија
истовремено. Храната била послужувана во најубави чинии и сервиси и
се пиело од најубави чаши. Секогаш била готвена добра и вкусна
храна.
Секој од синовите на
Петар Анастасов својата одаја ја опремувал по сопствен вкус. Така,
во одајата на Кирил и Марија се наоѓал еден месинган кревет и
шифоњер.
|