Храната на
населението во Скопје |
Скопјаните се грижеле
за исхраната, водејќи сметка за своето здравје според своите
финансиски можности.
Правилната исхрана не
била значајна само од аспект на физиолошките потреби, туку
истовремено претставувала и значаен економски проблем.
Исхраната ги опфаќале
сите продукти од растително и животинско потекло што се одликуваат
со висока содржина на хранливи материи.
Скопската околина ги
задоволувала потребите за исхрана на скопјани. Храната од растително
и животинско потекло во Скопје била носена и во зимскиот и во
летниот период. Поимотните граѓани можеле да си дозволат увозна
храна од неколку деликатесни продавници во градот, меѓутоа, најголем
број од скопските семејства биле сиромашни и се хранеле со домашни
прехранбени производи. Бавчите во околината на Скопје го снабдувале
градот со марула, домати, овошје и др. Овие производи биле
продавани на скопските пазари.
Една третина од
целокупното население на Скопје можела да си овозможи здрава храна,
додека останатиот дел од населението живеел скромно. Народот има
посебна филозофија за исхраната. Се вели: “Од што си сит, од тоа и
си дебел” или “Стомакот нема прозорци”.
Овие народни изреки го одразуваат односот на народот кон храната.
Не се обрнувало внимание на нејзиниот квалитет, туку на нејзиниот
квантитет. Меѓутоа, за време на празници се јадело многу богато.
Зиме се употребувале пастрма, сланина, кашкавал, сирење и др. Во
зимскиот период се трошела целата храна. Останувале мали количини
грав, компир, кромид и лук за пролетниот период. Во овој период биле
најголемите постови и населението се хранело со преостанатата посна
храна. За време на постите Црквата ја пропишувала исхраната. Се
јадел грав со коприва без зејтин, полжави кои се вареле во големи
котли на оган во двор. Од врелата вода полжавите ги ваделе со игла
за плетење и ги готвеле со ориз, каши или ги пржеле.
Според воспоставените
традиции и обичаи, православното население правело разлика помеѓу
мастите на топлокрвните животни и мастите на ладнокрвните животни
како и растителните масти.
За мрсни јадења се
сметале месото и мастите од топлокрвните животни, јајцата и млекото.
Посни јадења, според црковните прописи, биле мастите на ладнокрвните
животни. Затоа, православното население за време на постот во
исхраната користело многу масло и риба. Во пролетниот период, за
време на најтешките полски работи, исхраната се состоела од кисело
млеко, сирење, урда, кашкавал и масло.
|